Државната изборна комисија го повтори гласањето на 193 избирачки места од првата втората и од шестата изборна единица каде што се запишани околу 190 илјади гласачи.
Ако се знае дека на единствениот избирачки список се запишани 1 милиони 779.116 избирачи, ДИК, како официјален орган одговорен за спроведување на изборите, де факто призна дека на први јуни над 10 проценти од гласањето било нерегуларно. Процентот на нерегуларно гласање се зголемува двојно, ако се споредуваат бројките на излезени избирачи и поништените гласови. На први јуни на гласање излегоа околу милион избирачи, од кои, поради нерегуларности, е поништено гласањето на околу 200 илјади. Во споредбата на излезени гласачи и поништени гласови, процентот на нерегуларни гласови се искачува дури над 20 отсто. Премиерот Никола Груевски на денот на гласањето оптимистички тврдеше дека нерегуларности имало само во 1 или 2 отсто од избирачките места. "Јас сум задоволен што на најголемиот дел од избирачките места на Република Македонија до овој момент околу 14 часот имаме нормални фер и демократски избори. Жалам што во некои места во северозападна Македонија претежно има инциденти за кои мојата партија сигурно ќе инсистира таму каде што имало нерегуларности да бидат поништени", изјави премиерот Груевски откако гласаше во Скопје. Додека ДИК одлучуваше за изборните нерегуларности, премиерот Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески престојуваа во официјална посета во Њујорк за да ја примат наградата од Светската банка за Македонија како четврта земја во светот по спроведување реформи. Груевски во Њујорк отиде заедно со сопругата Боркица, која првпат официјално го придружува премиерот на патување во странство. Брачниот пар Груевски, по официјалниот дел од посетата, остана во Њујорк и за време на викендот и, најверојатно, денеска околу пладне ќе се врати во Македонија. За изборните нерегуларности вчера оценка даде и Хелсиншкиот комитет за човекови правата во извештајот за изборите, во кој тврди дека најголемата штета за државата е направена со тоа што власта на изборните нерегуларности им дала етничка димензија. "Изборите не беа фер и демократски барем за една четвртина на населението на државата. Паднаа во вода првичните оценки за 1-2 процента нерегуларности и демократски и фер избори, штетни и по самото тоа што де факто признаваат поделба на државата на интересен и неинтересен дел, во зависност од етничката припадност, делови во кој може да владее или не правото", стои во извештајот на Хелсиншкиот комитет.
|